Заменик министерот Муцунски на отворањето на “Code App, Level Up 3”

Скопје, 29 февруари 2016 година

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски се обрати на свеченото отворање на “Code App, Level Up 3”, семинар и практична работилница од меѓународен карактер во кој учесниците од Македонија, од 29.февруари до 5.март, ќе имаат можност да споделат знаења и идеи со студентите од цела Европа.

Настанот е во организација на ЕЕСТЕК ЛК Скопје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а темата е развој на web платформи, со цел насочување на младите студенти по информатички науки кон оваа перспективна ИT гранка.

 

Истакнувајќи дека настаните од ваков вид се од клучно значење за дефинирањето на професионалната иднина на младите, Муцунски посочи дека со развојот на бројните универзитетски можности, како што се новите факултети и студиските програми во рамки на факултетите, во нашата земја се овозможува стекнување знаења од областа на информациско-комуникациските технологии.

 

,,Досегашните напори кои Република Македонија ги има вложено во создавањето на професионални и стручни кадри од областа на ИКТ се очигледни, бидејќи Македонија веќе се наоѓа на светската мапа како информатички образувана нација, каде ИКТ секторот дава значителен придонес кон целокупниот развој на македонската економија и севкупното општественото живеење”, рече Муцунски.

 

Инаку, ,,Code App, Level Up 3 " има за цел да понуди квалитетни обуки во две области: дизајнирање на веб-услуги (front-end) и развој на веб услуги (back-end), кои ќе бидат спроведени од домашни и странски експерти, професори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, како и професионалци од различни ИТ компании.

 

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација