Реакција на МИОА

Скопје, 10 март 2016 година

Почитувани,

 

Во врска со партиската прес конференција на дополнителниот заменик на министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски, одржана на 10.03.2016 година, заради запознавање на јавноста со фактите кои свесно или несвесно се прикриваат од страна на Кирацовски, би сакале да укажеме на следното:

 

Александар Кирацовски веќе четири месеци е дополнителен заменик на министер. Законот по кој би требало да работи, а за жал тој воопшто не го прочитал, пропишува дека тој, како дополнителен заменик на министерот, го раководи и го претставува министерството. Во секоја прес конференција, тој ја критикува работата на органот со кој би требало да раководи и да го претставува.

 

Со оглед на фактот што дополнителниот заменик на министерот веќе располага со податоци во однос на институциите и бројот на вработени во истите, ќе беше добро, заради целосна претстава на јавноста, да каже дека од листата на институции се избришани пионерските домови, работничките универзитети и јавните претпријатија кои се ликвидирани и во кои нема вработени. Ќе беше доследно ако кажеше дека за прв пат во последните 70 години, Министерството за информатичко општество и администрација ја утврди листата на сите институции на јавниот сектор, работа која траеше со месеци и за која огромен труд вложија вработените во министерството.

 

Со цел да му ги разјасниме работите на дополнителниот заменик на министерот, иако очигледно законите не го интересираат премногу, согласно со член 32 став (1) од Изборниот законик, никаде не се бара Министерството за информатичко општество и администрација да доставува податоци од Регистарот на вработените во јавниот сектор. Податоците кои се бараат, Министерството веќе ги има обезбедено, а доколку Кирацовски смета дека истите не се точни, тоа ќе мора да го поткрепи со докази, а не со паушално дадени изјави.

 

Кога сме кај Регистарот на вработените во јавниот сектор, Министерството за информатичко општество и администрација ги презема сите законски надлежности за истиот да биде пополнет во најкус можен рок, а најголем бенифит од тој Регистар, ќе има токму Министерството, затоа што податоците од истиот ни се неопходна алатка за понатамошно водење на процесот на реформа на јавната администрација. И ќе верувавме во загриженоста на Кирацовски и во неговите наводи дека институциите на јавниот сектор по партиски наредби не постапуваат, доколку досега во Регистарот беа внесени податоците од институциите со кои раководи партијата од која доаѓа тој.

 

Еве, на следната прес конференција, го повикуваме Кирацовски да и соопшти на јавноста, дали и кога Општина Струмица има донесено акти за внатрешна организација и за систематизација, како и дали податоците за оваа Општина се внесени во Регистарот, затоа што оваа општина „не е партизирана“ и е „професионална“. Исто така, нека каже какви беа реакциите од ЈП Паркинзи Центар, кога управниот инспекторат побара податоци за статусот на актите и податоците на оваа јавно претпријатие. Доколку не одговори на овие прашања, тогаш ние ќе го дадеме одговорот,а граѓаните ќе сфатат дека сите досегашни прес конференции на Кирацовски се гола политичка манипулација и лицемерие.

 

Впрочем, најголем доказ за транспарентното и отчетно работење на Министерството е алатката https://proverkaregistar.hrm.gov.mk/ која беше промовирана на 18.02.2016 година за проверка на записи во базата на вработени во јавниот сектор, до кои податоци слободно може да се пристапи и чија точност не може да се оспори.

Министерство за информатичко општество и администрација