Заменик министерот Муцунски се обрати на настанот на СИГМА во однос на реформите во администрацијата

Скопје, 11 март 2016 година

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски се обрати на настанот во организација на СИГМА(заедничка иницијатива на ОЕЦД и ЕУ), за реформите на јавната администрација. На настанот беше претставен основниот извештај за реформите што на тоа поле биле спроведени во 2015 година во Република Македонија, а кој ги содржи достигнувањата, но и идните предизвици што претстојат.

 

Заблагодарувајќи и се на директорката на СИГМА Карен Хил, за поддршката во однос на координацијата на реформите, Заменик министерот изрази задоволство поради тоа што е отпочната постапката за изготвување на нова Стратегија за реформа на јавната администрација 2015-2020 година, исто така со помош на СИГМА.

 

Тој се осврна на мерките и активностите кои Министерството досега ги презело како носител на процесот на реформи од 2011 година, во однос на јавната служба и управувањето со човечките ресурси, целосната законска рамка, отчетноста, обезбедувањето на услугите за граѓаните и бизнис секторот, при што меѓу другото го наведе воспоставувањето на Регистарот на вработени во јавниот сектор, донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, новиот Закон за општа управна постапка итн.

 

,,Свесни сме дека економскиот раст и развој на една земја зависат од квалитетот на јавната администрација. а квалитетна администрација значи дека таа е добро организирана, оптимално димензионирана и професионална, што подразбира дека е стручна, компетентна и политички неутрална. Квалитетната администрација значи дека таа е сервисно-ориентирана, транспарентна и отчетна", истакна Муцунски.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација