Заменик министерот Муцунски ја отвори работилницата за Отворени владини податоци

Скопје, 16 март 2016 година

Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со Центарот за истражување во јавната администрација KDZ од Австрија, организираше еднодневна работилница за дефинирање стандарди за отворени податоци, како дел од проектот Отворени владини податоци (Open data).

 

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски ја прогласи работилницата за отворена, при што истакна дека од голема важност е податоците на институциите да им бидат дадени на располагање на граѓаните и компаниите, со цел од нивното реискористување да се генерира дополнителна економска вредност, развиваат бизнис модели и апликации.

 

Токму поради тоа во 2014 година беше донесен Закон за користење на податоците од јавниот сектор, со кој се утврдува обврската на органите и институциите од јавниот сектор за јавно објавување на податоците кои ги создаваат во остварувањето на своите надлежности согласно со закон, со цел да овозможат користење на тие податоци од страна на правни или физички лица.

 

,,Во јавниот сектор, имањето пристап до податоците од администрацијата претставува гаранција за транспарентност, ефикасност, еднакви можности и соработка", истакна Муцунски, додавајќи дека пристапот до податоците не е и не смее да биде на ниту еден начин условен или ограничен.

 

,, МИОА инвестираше во развојот на модерна платформа, преку која е овозможен транспарентен пристап до отворените податоци на институциите во Република Македонија. На овој портал во моментов има објавено 154 податочни сетови од 27 институции. Иако оваа бројка не е за занемарување, сепак ние се стремиме кон објавување на што е можно поголем број на податочни сетови од сите институции и општини во државата", рече Муцунски.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација