Конференција ,,Отворено владино партнерство– дијалог со граѓанските организации за Националниот акциски план 2016-2018".

Скопје, 23 март 2016 година

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска ја отвори конференцијата ,,Отворено владино партнерство -дијалог со граѓанските организации за Националниот акциски план 2016-2018", во организација на проектот ТАКСО (Техничка поддршка за граѓанските организации) и МИОА. Целта на дводневната конференција е да ја промовира иницијативата Отворено владино партнерство меѓу граѓанските организации и подетално да ги информира за остварениот прогрес, да создаде простор за дискусија меѓу граѓанските организации и владините институции за искуствата и предизвиците во спроведувањето на вториот акциски план и да им овозможи на граѓанските организации да дадат насоки и препораки за дизајнирањето на следниот акциски план.

 

,,Mинатиот месец започнаа активностите за изработка на третиот национален Акциски план за Отвореното владино партнерство за периодот 2016-2018, во чија подготовка се вклучуваат сите релевантни чинители, исто како и во претходниот циклус”, рече Арсовска Томовска, додавајќи дека преземени се голем број активности за градење партнерски однос со граѓаните и компаниите во обликувањето на политиките, како и креирањето на национално законодавство, стратегии и иницијативи.

 

,,Освен имплементацијата на стратешките документи, отворени се интерактивни веб страници за олеснување на процесот, поголема транспарентност и можност за креирање форуми за размена на ставови и мислења. Донесовме легислатива со која се гарантира пристапот до информации, се воведоа отворените податоци и се овозможија механизми за приоритет согласно потребите на граѓаните и компаниите", рече Арсовска Томовска. Таа посочи дека отворените податоци наметнуваат одредени стандарди кои дополнително треба да се пресретнат, што претставува и највисок приоритет на националната агенда на Отвореното владино партнерство.

 

Владата на Република Македонија во 2011-та година пристапи кон глобалната инцијатива за Отворено владино партнерство која претставува меѓународна платформа во рамките на која Владите и граѓанските организации се залагаат за Влади кои се поотворени и поодговорни кон граѓаните. Согласно обврските за сите земји кои се приклучија кон оваа инцијатива Владата во 2012 година ro усвои првиот Акциски план, a во 2014-та беше усвоен вториот акциски план за периодот 2014-2016 година.

 

На конференцијата присуствуваше и евроамбасадорот Аиво Орав кој се осврна на важноста на Отвореното владино партнерство во насока на подобрување на транспарентноста на институциите и нивната соработка со граѓаните, додавајќи дека таквите заложби треба да продолжат и со новиот, трет Акциски план.

 

 

Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација