Арсовска Томовска се обрати на отворањето на Саемот за вработување и пракса ,,Контакт 2016”

Скопје, 04 aприл 2016

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска се обрати на отворањето на Саемот за вработување и пракса ,,Контакт 2016“, во организација на студентските парламенти на ФЕИТ и ФИНКИ. Настанот кој ќе трае три дена, има за цел да ги поврзе работодавците со студентите, преку овозможување директна промоција на компаниите од една страна и претставување на искуството и знаењата на студентите од друга страна.

 

Арсовска Томовска истакна дека саемот претставува единствена можност за студентите да ги преземат првите чекори кон градењето професионална кариера, особено што тие меѓу другото, ќе имаат можност да добијат бесплатна обука како да напишат професионално CV и мотивациско писмо, да учествуваат во симулација на интервју за вработување итн.

 

Осврнувајќи се на фактот, што во Република Македонија, слично како и во светот, има голема побарувачка на технички кадар, Арсовска Томовска ги потенцираше досегашните и идни мерки на Владата во насока на намалување на дефицитот на таков кадар:

 

,,Воведовме предмет Работа со компјутер и основи на програмирање во трето одделение, каде учениците ги учиме на алгоритамско размислување, планираме да отвориме специјализирано средно училиште од областа на информатиката, отворивме повеќе факултети од областа на информатичките технологии, а сега планираме да ги зголемиме квотите за упис, како и бројот на наставнички и соработнички кадар на тие факултети"", истакна Арсовска Томовска, додавајќи дека исто така се планира отворање на специјалистички студии за стекнување на звање инженер по информатика.

 

Саемот за вработување и пракса Контакт 2016, се одржува трета година по ред на техничкиот кампус, со поддршка од четирите факултети: Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ, Машинскиот факултет – МФС и Техничко-металуршкиот факултет - ТМФ, и заедничка соработка со кариерните центри на факултетите.

 

На официјалното отворање на саемот обраќање имаа и деканот на ФИНКИ Иван Чорбев и продеканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски кои ја истакнаа важноста од организирањето вакви саеми во насока на воспоставување контакт меѓу компаниите и студентите и нивно поттикнување кон градење на успешни кариери.

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација