Реакција на Министерството за информатичко општество и администрација

Скопје, 04 април 2016 година

 

Манипулациите на Александар Кирацовски, на денешната прес конференција ги поминаа сите граници. Несовесноста, неодговорноста и незаинтересираноста на Кирацовски и на луѓето кои ги распореди во својот кабинет, сака да ги оправда со префрлање на вината на луѓе кои деноноќно работејќи, професионално и стручно си ја извршуваат својата работа.Заради запознавање на јавноста со сите детали околу темата која беше предмет на денешната прес конференција ја информираме јавноста за следното:

 

Со допис со назнака ИТНО, заведен под број 08/1-1593/1 од Државната изборна комисија, кој беше доставен во министерството на 01.04.2016 година во 16 часот и 20 минути, потпишан од претседателот на комисијата Александар Чичаковски, побарано е министерството ИТНО да обезбеди асистенција од вработени во министерството за информатичко општество и администрација со искуство во пренос на податоци од пополнетите прашалници, во апликација подготвена за таа намена. Во дописот може да се види дека со големи букви е назначено дека овие лица треба ВЕДНАШ да бидат ангажирани, односно ВЕДНАШ да бидат упатени во подрачните единици на Државната изборна комисија. Од страна на службениците во Министерството кои работат во писарницата веднаш е направен обид да се изврши достава на дописот до кабинетите на министерот, дополнителниот заменик на министер и државниот секретар, меѓутоа во тој момент ниту Кирацовски ниту луѓето од неговиот кабинет не биле на работа. Од тие причини, веднаш потоа дописот електронски е доставен до кабинетот на Кирацовски, на службена мејл адреса за што има и соодветен доказ, со што и самиот Кирацовски бил благовремено запознаен со содржината на барањето.

 

Инаку за информирање на јавноста, од моментот кога е именуван, ниту Кирацовски ниту вработените во неговиот кабинет не почитуваат работно време, доаѓаат на работа кога сакаат и си одат од работа кога сакаат, кога воопшто доаѓаат на работа. И за ова има соодветни докази од евиденцијата на работното време во министерството, а која може во секој момент да биде обезбедена.

 

Во однос на лицата кои Државната изборна комисија ги има побарано, државниот секретар на министерството за цело време на процесот, е тој што ја координира активноста за обезбедување на лица вработени во министерството и тоа по директни насоки и од Генералниот секретар на Државната изборна комисија, за што исто така постојат соодветни докази (официјални дописи и СМС пораки од секретар до секретар директно). Ваквиот начин е разбирлив затоа што согласно членот 11 од Законот за административни службеници, секретарот е тој што раководи со административните службеници, дава упатства на службениците и решава за правата, обврските и одговорностите на службениците. При тоа министерот не е надлежен да се меша во работата на секретарот, иако лично беше информиран затоа што во моментот на прием на дописот за разлика од дополнителниот заменик беше на работното место.

 

Во однос на повикувањето на Законот за Владата би го потсетиле Кирацовски дека членот 46 став (3) од овој закон пропишува дека дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите. Во конкретниот случај ниту министерот донел акт или документ, ниту пак Кирацовски требало нешто да потпише, па оттука Државната изборна комисија согласно членот 48 став (1) може да одлучи дали има било каква повреда на одредбите од Законот за Владата на Република Македонија, особено што луѓето биле побарани директно од Државната изборна комисија, со официјални дописи потпишани од претседателот и од генералниот секретар.

 

Oва не е прв пат Кирацовски неодговорно да се однесува. Имено, претходно на 31.03.2016 година исто така е примен допис од Државната изборна комисија, а кој исто така е доставен до Кирацовски, но и тогаш или не го прочитал, или не барал ништо заеднички да потпишува и да доставува, или пак воопшто не го разбира законот и го толкува онака како што нему му одговара. Во врска со барањето на службеници за анкетари од страна на Државната изборна комисија би ја информирале јавноста дека на состанок закажан во Државната изборна комисија на 30.03.2016 година, во 18 часот, Кирацовски не најде за сходно да се појави, а иако вети не обезбеди присуство на ниту едно лице од неговиот кабинет, за да помогне да се обезбедат избраните анкетари навремено да се стават на располагање на подрачните одделенија Државната изборна комисија.

 

За сето ова постојат докази, но за разлика од Кирацовски, министерот и државниот секретар нема да си дозволат луксуз да презентираат пред медиумите службени документи добиени од Државната изборна комисија. Затоа им укажуваме на медиумите доколку имаат потреба да проверат кој лаже, да се обратат до Државната изборна комисија.

 

За крај, повеќе од јасна е намерата на Кирацовски да го опструира процесот на теренска проверка на избирачкиот список како и самиот изборен процес, кое нешто го најави уште при самото доаѓање во министерството и јавно на неговото прво интервју во медиумите. За тоа да го реализира не бира начин ниту средства, ги навредува и клевети министерот и државниот секретар, ги омаловажува и квалификува како партиски службениците во министерството, што е само продолжение на неговиот континуиран притисок кон вработените во министерството, во кое и самиот е функционер.

 

 

Министерството изразува голема благодарност до вработените, кои одговорно и достојно на задачата, цел викенд и дење и ноќе неуморно работеа во поддршка на изборниот процес.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација