Прес конференција за напредокот во изготвувањето на новата Стратегија за РЈА (2016-2021)

Скопје, 1 јуни 2016 година

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски денеска одржа прес конференција на која се осврна на напредокот во изготвувањето на новата Стратегија за реформа на јавната администрација, за периодот 2016-2021 година.

 

,,Реформата на јавната администрација останува еден од клучните приоритети во Агендата на Владата на Република Македонија. Основна цел на овој перманентен процес е македонската јавна администрација да се приспособи кон потребите на современото општество. Министерството за информатичко општество и администрација, кое од 2011 година е носител на овој процес, ќе продолжи и во иднина со интензивно преземање на активности и конкретни мерки, а со крајна цел воспоставување на ефикасна, стручна, економична и целосно сервисно ориентирана администрација. Oд огромна помош, како стручна, така и техничка и финансиска, е и поддршката која ни ја обезбедува ОЕЦД/Мисијата на СИГМА во Скопје, како и Делегацијата на Европската Унија", истакна Муцунски.

 

Тој посочи дека постапката за изработка на новата стратегија е веќе започната, за што е формирана меѓуресорска работна група и подгрупи кои се задолжени за 5 тематски области, дефинирани согласно препораките од анализата на СИГМА/ОЕЦД и тоа: Подгрупа за развој на политики, за стратешко планирање и координација, за управување со човечки ресурси, за јавни услуги и ИТ поддршка на администрацијата, за организација на државната власт, централна власт, локална самоуправа, како и подгрупа за антикорупција, транспарентност, отчетност и одговорност.

 

„Од самиот почеток на процесот на изработка активно се вклучени и претставници од невладиниот сектор, како и повеќе академски професори од Република Македонија. Дополнително, во наредните фази, предвидени се и консултации со Стопанските комори. Сметаме дека нивната експертиза во конкретната област ќе придонесе за изработка на еден квалитетен стратешки документ“, рече Муцунски.

 

Согласно Деловникот за работа на работната група, сите изготвени предлог материјали, ќе бидат јавно достапни и отворени за увид и коментари, преку Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (www.ener.gov.mk). Понатаму, предвидено е одржување на дополнителни јавни консултации во моментот кога ќе биде изготвена првата Нацрт-верзија , предвидена за месец септември.

 

Муцунски потенцираше дека ваквиот отворен пристап на работа треба да придонесе кон изработка на квалитетен стратешки документ кој ќе ги таргетира предизвиците и ќе даде решенија во насока на создавање понатамошни подобрувања на квалитетот на државната администрација и очекуваните позитивни промени.

 

 

 

Односи со јавноста при Министерство за информатичко општество и администрација