Одбележан Светскиот ден на акредитацијата во Македонија

Скопје, 09 јуни 2016 година

Министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска се обрати на свеченоста што по повод Светскиот ден на акредитацијата, ја организира Институтот за акредитација на Република Македонија.

 

Со глобалното мото ,,Акредитацијата: Поддршка во обезбедувањето на работата на јавниот сектор” под кое се одбележува настанот, се потенцира улогата која акредитацијата ја има во областа на креирање и спроведување на политиките на управување, работење и давање на услуги во јавниот сектор.

 

Според министерот Арсовска Томовска, акредитацијата преставува гаранција за квалитетот на јавните институции, како од почетокот на креирањето на јавните политики, така и како контролен механизам дека истите се успешно креирани.

 

„Корисноста од овој пристап е двострана: давателите на јавните услуги ја чувствуваат преку ефикасен и ефективен систем на управување и работење, организирана, систематизирана, јасно поделена функција на јавните служби, правилно менаџирање на расположливите ресурси, контрола, детектирање на слабости, а оттука и определување на правците за подобрување“, изјави Арсовска Томовска.

 

По повод Светскиот ден на акредитацијата, беа промовирани 33 нови акредитивни тела од најразлични области, лаборатории, инспекциски и сертификациски тела и беа издадени и триесеттина нови реакредитации.

 

 

 

 

 

Односи со јавноста при МИОА