Манчевски: Дигитализацијата ни овозможува да бидеме транспарентни и отчетни кон граѓаните

Скопје, 22 мај 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, учествуваше на завршниот настан по повод 25 години од формирањето на Фондацијата отворено општество во Македонија. Јавната дискусија беше на тема: „Транспарентни и отчетни институции-императив за одговорна власт“.

 

„Транспарентноста е инструмент во рацете на граѓаните кој што им овозможува да ја оценат релевантноста на процесите и одлуките донесени од институциите. Понекогаш таа е оружје со кое тие се борат против корумпираната држава, понекогаш алатка кое им дава економска и социјална моќ, односно алатка за подобрување на ефикасноста и одговорноста на владата. Потребата граѓаните да ги имаат сите информации и податоци за тоа што институциите работат, не треба да е прашање за дебата. Тие податоци се на граѓаните и ние мора да им ги обезбедиме“, посочи министерот Манчевски.

 

„Сакам да се осврнам и на дигиталната трансформација. Дигитализацијата и новите технологии ни овозможуваат брза и редовна комуникација, полесно од било кога. Ни овозможуваат консултациите со граѓаните и граѓанскиот сектор да бидат секојдневна и редовна појава. Сега веќе нема оправдување дека владата нема доволно време или начин да се консултира со сите заинтересирани страни. Ова е добро и за нас, затоа што на овој начин имаме можност сите политики да ги искомуницираме со граѓаните пред да ги донесеме, и на тој начин да знаеме дали се прифатливи за сите или не“, рече министерот Манчевски, осврнувајќи се на потребата и начините за секојдневна комуникација со сите засегнати страни.

 

Тој во своето обраќање се осврна на дел од мерките кои оваа Влада ги превзеде во контекст на зголемување на отчетноста и транспарентноста.

 

„Укинување на владиното рекламирање, воспоставување на демократски комуникациски сервис, редовни неделни владини прес конференции, редовно учество на јавни и медиумски дебати, отворени дебати за сите процеси и политики, објавување дневни редови и записници од владините седници, објавување и ажурирање на 21 документ од јавен интерес од страна на министерствата и другите институции, објавување на договори склучени преку јавни набавки на електронскиот систем за јавни набавки, објавување информации за службените трошоци на министрите, замениците министри и државните секретари, објавување на Граѓански буџет, декласификација на информации, зголемување на рокот за коментирање на ЕНЕР од 10 на 20 дена, бесплатни услуги од Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности за истражувачко новинарство...“, се само дел од превземените активности.

 

Во наредниот период како што информираше министерот Манчевски, се работи на отворањето на податоците кои произлегуваат од работата на институциите од јавниот сектор. Владата започна со активности за унапредување на политиките за објавување на отворени податоци од државните институции, заради подобрување на транспарентноста и отчетноста на институциите. Во моментов се подготвува Стратегија и Акциски план за отворени податоци. Исто така, во рамките на активностите за отворени податоци се обезбедува подобрување на процесот на објавување на отворени податоци од државните институции преку изработка и пуштање во употреба на нов портал за отворени податоци, веќе во август оваа година.

 

Исто така се работи и на измени за Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

 

„Пристапот на оваа Влада е обратен од тоа што било пракса до сега. Наместо да одлучуваме кои информации да бидат отворени, ние размислуваме само кои информации не треба да бидат отворени.

 

Со оваа пракса на отвореност, транспарентност, отчетност, и водење на инклузивни процеси ќе продолжиме и во иднина. Во тој процес, неопходно ни е партнерството со граѓанските организации, бизнисите и академската заедница. Тие се вклучени во сите активности на Владата и во креирање на сите политики и законски решенија. Пристапот што тие го нудат, и различниот поглед на работите е од суштинско значење за подобрување на демократските принципи во земјата“, заклучи министерот Манчевски.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација