Работилница за ИКТ стандарди во државната управа

Скопје, 4 јуни 2007

На 4 јуни, 2007 година, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) организираше работилница за ИКТ стандарди во државната управа. Работилницата ја отворија Извршниот директор на ФИООМ, г-н Владимир Милчин, и Министерот без ресор, Иво Ивановски кои ја истакнаа потребата од воведување на стандарди во информатичката технологија со цел да се изгради поефикасна јавна администрација и поврзаност меѓу институциите.

На средбата беше презентиран документот со препораки за ИКТ стандарди во државната управа за интероперабилност меѓу различни ИТ системи, 13 области во кои е потребно подобрување на ИТ состојбите во државната управа и класификација на стандардитеПри изработката на овој документ консултирани се различни европски искуства и политики за ИТ стандарди од државите членки на ЕУ.

На работилницата беа поканети државни институции и други засегнати страни како МАСИТ, Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на РМ и Слободен софтвер кои работат во оваа сфера.

Нацрт документот е изготвен од ИТ работната група на проектот Процена на потенцијалот за добро управување во Македонија што го спроведува ФИООМ. ИКТ компонентата, којашто се спроведува во соработка со Фондацијата Метаморфозис, е дел од активностите од потпишаниот Договор за соработка меѓу Генералниот секретаријат на Владата на РМ и ФИООМ.