Дозволите ќе се бараат по електронски пат

Скопје, 30 Март 2007

Бизнисмените во Македонија во иднина ќе може по електронски пат да доставува барања до државната администрација за повеќе услуги кои се во надлежност на јавниот сектор. На тој начин ќе бидат заштедени пари и време и ќе се овозможи поголема транспарентност во добивањето услуги од администрацијата. На ваков начин ќе може да се поднесуваат разни барања, извозно-увозни документи, аплицирање за работа и поставување на прашања до администрацијата. Ова е целта на проектот "Интерактивна Македонија", за чие спроведување вчера беше потпишан меморандум за разбирање меѓу Владата и американската агенција УСАИД.

-Владините е-услуги немаат за цел само да информираат. Тие треба да ја олеснат комуникацијата меѓу власта и граѓаните и да ја направат администрацијата поодговорна, поефикасна и потранспарентна - рече министерот без ресор, Иво Ивановски, кој го потпиша меморандумот. Од УСАИД велат дека ова е досега најсложен проект што го реализираат во земјава по девет реализирани програми. - Бидејќи сите немаат Интернет ќе димензионираме и систем со кој ќе може преку мобилни телефони да се испраќаат СМС - пораки со барања до институциите. Овој процес ќе овозможи заштеда на пари и време, ќе биде транспарентен и правичен - вели Јеркер Торнгрен, директор на проектот е-влада на УСАИД.
Од УСАИД велат дека овој проект е важен за подобрување на имиџот на Македонија и се надеваат дека ќе им помогне на инвеститорите да се одлучат да вложуваат во земјава. Проектот треба да се спроведува во Царинската управа, Централниот регистар, Агенцијата за вработување и во други институции. Владата и УСАИД заеднички го реализираа и бесплатниот "он- лајн" курс за изучување на основите на информатиката наречен www.ucenje.org.mk.