Конференција за најновите достигнувања во мрежните и иновативните комуникациски технологии на Cisco

Скопје, 26 ноември 2008

Cisco Expo Македонија 2008 година е насловот на дводневната конференција што почна денеска во Скопје, а на која ќе бидат преставени најновите достигнувања во мрежните технологии. Конференција ја отвори министерот за информатичко општество м-р Иво Ивановски кој зборуваше за важноста на информатичко-телекомуникациската технологија во надминување на глобалната финансиска криза.
- Инвестициите во ИКТ технологијата ќе одиграат главна улога во надминување на економската криза, рече Ивановски кој додаде дека и покрај кризата македонската Влада не отстапува од инвестирањето во информатичко-телекомуниацискта технологија.

Тој истакна дека Владата на Република Македонија верува и стои зад своите проекти во развој на информатичко општество со цел да се развие економијата и да се подобри животниот стандард.

Според него, покрај Владата во нови технологии треба да вложува и деловната заедница, затоа што, како што рече, ИКТ е главна алатка за подобар производен процес кој ќе ги намали трошоците на работа и ќе ја зголеми профитабилноста. За тоа зборуваат, како што додаде, изјавите на фирмите кај кои се зголемило производството, Бројките зборуваат дека при зголемено производство за 50 проценти, 13,4 отсто се должи на инвестициите во ИКТ.  

Каан Терзиоглу, потпретседател на „Cisco“ за Источна Европа говорејќи за новитетите што ги нуди компанијата истакна дека таа е целосно посветена во помагањето да се изгради економија базирана на наука и солидно информатичко општество во сите земји во кои има свои претставништва.

- Трансферот на знаење е еден од начините да се успее во тоа и преку Cisco партнер програмата, ние пренесуваме огромен дел од бизнис и техничките вештини на нашите партнери од кои најголемиот број се локални, мали и средни ИТ компании. Нашата партнерска програма им помага на сите партнери да ги развиваат вештините и да се специјализираат за различни технологии за да можат успешно да одговорат на сите барања на корисниците, истакна Терзиоглу.

Генералниот директор на Циско системи за Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово Харис Пињо, истакна дека ќе се трудат да им го доближат на жителите во Македонија искуството на, како што вели, „човечката мрежа“. - Поврзани училишта, болници и библиотеки, компании кои можат своите услуги да ги нудат многу подалеку од своето локално окружување, развиена мрежа која на луѓето во руралните области ќе им овозможи пристап до услугите што ги имаат жителите од поголемите градови, подобрена продуктивност и ефикасност во работењето и живеењето, рече Пињо. 

Пред присутните говореше и Николај Бејкерс, главен извршен директор на Македонски телеком, компанија која ги користи системите на Циско.

На конференцијата, на која ќе се одржат над 40 стручни предавања,  како иновација беше претставен системот за видео конференција, најнапреден сиситем на комуникација во светот.