Министерот Ивановски го претстави првото целосно компјутеризирано училиште

Скопје, 07 април 2008

Владата денеска свечено го официјализираше проектот „Компјутер за секое дете“ во првото целосно компјутеризирано средно училиште во Македонија - автосообраќајниот центар АСУЦ „Боро Петрушевски“ во Скопје, едно од трите средни училишта во државата кои ја добија првата донација на опремата од акцијата.

АСУЦ има 1.100 ученици, а доби 900 работни места, распоредени  по 34 во 23 кабинети.  Училниците се опремени со нови клупи, обезбедни со средствата кои минатата година во износ од по 3.000 евра им беа префрлени на сите средни училишта.

- До крајот на август годинава сите 93 средни училишта ќе бидат комплетно опремени со компјутери и мрежа, како и 365-те основни училишта кои ќе добијат од пет до десет кабинети, во зависност од големината на училиштето и од бројот на учениците, изјави министерот за информатичко општество Иво Ивановски.
Проектот се реализира во партнерска соработка со ЕВН - Македонија, кои обезбедија надворешното напојување со електрична енергија, и Македонски телекомуникации а.д.  кои донираа опрема за секоја училница во сите средни училишта.

Генералниот директор на Македонски телекомуникации а.д.  Николај Бекерс посочи дека е задоволен што поддржуваат проект со кој на секој ученик ќе му се овозможи пристап до интернет и поврзаност со светот.
- Владата е на добар пат и Македонски телекомуникации се посветени да дадат голема поддршка за да може до почетокот на 1 септември сите училишта да бидат поврзани, рече Бекерс.

Министерот Ивановски соопшти дека следува обука на наставниот кадар, изработени се голем број програми кои ќе бидат користени по одделени предмети. Веќе се обучени околу двесте професори по информатика во сите средни училишта и најдобрите од нив ќе ги обучуваат своите колеги во училиштата.  

- Целта е сите предмети да добијат електронска содржина, која ќе биде поинтерактивна и повозбудлива за учениците, со тоа што ќе се модернизира наставата, ќе се воведе аудио, видео и мотористика  со што компјутерот ќе стане алатка меѓу ученикот и професорот. Професорот, пак, со обуките што ќе ги добие ќе може на многу подобар и посоодветен начин да ја претстави материјата  од учебникот, кој никогаш нема да биде изоставен, истакна Ивановски. 

До крајот на годинава Владата ќе одлучи и за учениците од прво до четврто одделение. Ивановски рече дека се разгледува можноста за нив да се набават мали лаптопи, зашто тие се на возраст на која не можат да ги користат овие компјутери.