Министерот Ивановски на деловен ручек со ССК

Скопје, 09 април 2008
Стопанствениците од ИКТ комората при Сојузот на стопански комори на Македонија денеска имаа деловна средба со министерот без ресор задолжен за информатичко општество М-р Иво Ивановски.
Целта на средбата беше да се согледаат потребите кои членките на ИКТ комората ги имаат во реализирањето на владините проекти во делот на информатичко-комуникациската технологија.

- Нашата индустрија е една од најбрзорастечките во Македонија во моментов. Досега имавме добра соработка со оваа Влада. Таа повлече неколку важни чекори, донесе неколку закони кои ни го олеснија бизнисот, но сепак има прашања за кои дополнително треба да се разговара, изјави претседателот на ИКТ комората при ССК, Ванчо Ордановски.

Како проблем со кој се соочуваат членките на ИКТ комората, Ордановски ја посочи несоработката со банките во поглед на електронската трговија.

- Проблемот не е во Владата. Имаме добар закон кој е донесен. Проблемот повеќе е во банкарската индустрија од каде немаме добри понуди за соработка. Банките сакаат преголем дел од заработката, односно провизиите што ги земаат се превисоки, истакна Ордановски.

И министерот за информатичко општество Иво Ивановски смета дека купувањето преку интернет е многу малку застапено во Македонија.

- Освен една банка, ниту една друга банка нема можност за електронска трансакција за купување преку интернет. Банките не можат да се усогласат со кој процент ќе работат. Зошто тоа го прават е нејасно. Насекаде во светот банките се двигатели на економијата. За жал, во Македонија не се случува тоа. За првпат се случува еден закон да е донесен, а банките да не ги спроведуваат сите потребни реформи за законот да се спроведува, рече Ивановски.