Oтворен WEB-DEP форумот на МИА во Бест Вестерн

Скопје, 03 декември 2008

Заменикот министер за информатичко општество д-р Мирјана Секуловска денес во Бест Вестерн во 11.00 часот ја отвори работилницата организирана од страна на Новинската агенција МИА по повод WEB-DEP форумот кој е реализиран во соработка со Новинската агенција на Србија ТАНЈУГ и Албанската новинска агенција АТА.

Во врска со тоа заменик министерот истакна дека:
 Интернет комуникацијата игра голема улога во креирањето на јавното мислење.Ние како Министерство за Информатичко Општество подржани од Владата на Р. Македонија, веруваме дека е- комуникацијата во нашата земја можеме да ја подигнеме на едно ново рамниште, кое ќе биде во чекор со Европските стандарди и како резултат на тоа работиме на повеќе проекти, кои ќе им бидат од полза првенствено на граѓаните.

Еден таков проект е и е – граѓани -ИТ – образована нација со чија помош тие ќе бидат во можност да добијат бесплатна ИТ – едукација, корисна меѓу другото и за нивно активно учество во проекти и форуми од типот на WEB.DEP како и во други слични проекти.

Имено:

1. Во текот на 2007 година спроведени се бесплатни ИТ- курсеви за 22500 граѓани, а поради големиот интерес од страна граѓаните со овие курсеви се продолжува во 2008 година, а ќе продолжат и во 2009 и 2010 година. 

2. Со проектот Светот на дланка, отворени се бесплатни Интернет клубови во 15 градови во Македонија за да се овозможи бесплатен интернет пристап на светската Интернет – мрежа. Се планира отворање на уште 15 вакви клубови во останати 15 градови на РМ во 2009 година. 

3. Во рамките на проектот Бесплатен Интернет за сите граѓани, кон средината на 2008 година граѓаните имаа можност да користат Бесплатен Интернет 2 месеци, а истото ќе важи и за во декември 2008. До средината на 2009 година се предвидува уште 6 недели, а во 2010 и 2011 година Владата ќе обезбеди Бесплатен Интернет за сите граѓани во траење од 6 недели два пати годишно.  

4. Реализиран е и проектот Граѓански портал што ќе овозможи пристап до околу 200 услуги кои ги нуди Владата , а исто така граѓаните тука ќе можат да поставуваат прашања и да ги добиваат своите одговори, а дозволен е и пристап до изборниот список. 

5.Исто така во подготовка за 2009 година е и проектот за Бесплатни        ВИ – ФИ точки, на атрактивни градски локации (автобуски постројки, библиотеки, факултети и слично ) кои би биле достапни за секој, со што би се постигнала уште поголема транспарентност во  користењето на Интернет услугите од страна на граѓаните, особено во вклучувањето на граѓаните во процесот на одлучување и управување, преку новите платформи-форумите, блоговите и социјалните мрежи. Новите интернет медиуми овозможуваат изместување на фокусот на централизираните медиумски системи во суштинската граѓанска демократија и партиципативност, транспарентност и поттик за граѓански активизам.

6.Уште еден од проектите на Владата што ќе го овозможи подигањето на нивото на е – Комуникацијата во Р. Македонија е воведувањето на ВОИП во државната администрација, што подразбира гласовна комуникација преку Интернет протокол со чија помош ќе дојде до значајно намалување на трошоците за фиксна телефонија.   

            Што се однесува до WEB.DEP форумот тој претставува директен плод на демократијата. Негова примарна цел е користење на интернетот заради вклучување на луѓе кои со своите ставови и мислења би извршиле одредено влијание врз политичките одлуки на власта. Тој покрива различни теми од областа на Уметност  и култура, Економија и бизнис, Образование, Екологија/Животна средина, Човекови права, Труд, Животен стил, Регионален развој, Наука и Технологија, Социјални теми и др.

На работилницата со свој говор се обрати и уредникот на дескот на МИА г. Живко Георгиевски.